Поликлиника Мартини - Се што му е потребно на Вашето здравје, на едно место!

  • Јавете се на

    034 335 020; 071 296 515
  • Ул. Атанас Јанев 5

    2400 Струмица
  • Пон - Пет

    08:00 до 20:00

Бременоста е возбудлив и стресен период во исто време. Трудниците имаат секогаш многу прашања.

Често прашање е дали одредена болест кај мајката во бременост може да им наштети на бебињата. Мајката секогаш треба да го извести својот лекар доколку има симптоми на покачена температура и треска, бидејќи некои вируси може да им наштетат на бебињата. Такви вируси се:cytomegalovirus, varicella-zoster virus, Zika virus, rubella, parvovirus B19, herpes, HIV.

Моменталната ситуација со Covid-19, вирус кој предизвикува респираторни проблеми ги вознемири идните родители околу безбедноста за нивното бебе. Вознемиреноста кај идните родители доаѓа од немањето доволно информации.

Без паника! Накратко ќе се обидеме да ви дадеменеколку информации за Covid-19 вирусот во бременост и доколку планирате бременост.

 

Што е коронавирус?

Коронавируси се фамилија на вируси кои циркулираат и кај луѓето и кај животните. Предизвикуваат обични настинки до потешки болести на дишните органи.

SARS-Cov-2 е дел од таа фамилија вируси и се појави во 2019 година во Вухан, Kина. Не се знае со сигурност потеклото на вирусот, се сомневаат дека се префрлил кај луѓето при контакт со животни.

Овој вирус предизвикува болест на дишните органи, познат како Covid-19.

На кои симптоми треба да внимаваат бремени жени и мајки што дојат?

Covid-19 е болест која ги напаѓа дишните патиште. Симптомите ообично се јавуваат помеѓу 2 – 14 дена од контакт со вирусот. Најчесто инкубацијата (времето од прв контакт со вирусот до појава на првите симптоми) трае околу 4 дена.

Најчести симптоми се: кашлица, температура, потешкотии со дишење, малаксаност, треска, болка во грло, главоболка, губење на осет за мирис и вкус, болка во мускули и зглобови.

Доколку имате некој од овие симптоми обратете се кај вашиот лекар доколку сте бремени. Вашиот лекар ќе направи преглед и ќе ви даде понатамошни упатства за лекување во зависност од вашите симптоми и состојба.

 

Дали бремените жени се поосетливи на вирусот?

SARS-Cov-2 вирусот не е доволно проучен и кај трудници сеуште немаме потполни податоци.

Секоја бремена жена е поосетлива на вируси кои ги напаѓаат дишните органи. Тоа е поради променa во имуниот систем кој опаѓа во бременост. Исто така во бременост настануваат промени во дишењето и во работата на срцето.

Најновите упатства и докази покажуваат дека бремените жени немаат поголем ризик од останатата популација да бидат заразени со Covid-19.  Меѓутоа бремени жени кои имаат Covid-19 инфекцијаимаат поголем ризик за прием во болница и прием на оддел за интензивно лекување, во споредба со жени на иста возраст со Covid-19 инфекција, кои не се бремени.

Која терапија е безбедна за бремени жени со симптоми на Covid-19?

Терапијата за Covid-19 е иста како и кај другите болести на дишните органи.

Препораките се:

  • Да се зема Парацетамол доколку имате температура над 38⁰C
  • Да се пијат многу течности
  • Одмор

Доколку Парацетамолот не ја спушти температурата, доколку имате потешкотии во дишењето, имате гадење, повраќање потребно е да се јавите кај вашиот лекар.

Колку е опасно бремена жена да се зарази со Covid-19?

Податоците покажуваат дека трудниците се ризична група кај која има ризик од развој на потешки симптоми отколку кај жени кои не се бремени.

Можна е појава на спонтани абортуси, мртвородени бебиња, предвремено породување. Трудниците имаат поголем ризик од појава на потешки симптоми и прием во единица за интензивно лекување.

Висока температура во првиот триместар може да предизвика вродени дефекти кај бебињата.

Сите овие ризици и последици може да звучат страшно за идните мајки. Но, не е се така страшно! Според Светска Здравствена Организација, најголемиот број од трудниците немаат тешка форма на Covid-19. Само 8% од трудниците развиваат тешка форма на Covid-19, а само 1% стануваат критични пациенти.

 

Дали бебињата можат да се заразат од мајката во тек на бременост?

Досегашните искуства покажуваат дека е малку веројатно вирусот да премине од мајката на бебето кај трудници со Covid-19.

Вашето бебе може да биде заразено после породување, бидејќи вирусот се пренесува преку капки при зборување, кашлање и кивање од мајка со Covid-19.

Вирусот не е изолиран од амнионската течност, од крвта во папчаникот и од брис од грло на новородено бебе.

Дали коронавирусот преминува во млекото на мајката?

Неколку студии кои се достапни покажуваат дека коронавирусот не преминува во мајчиното млеко.

Доколку во тек на доење имате Covid-19, разговарајте со вашиот лекар околу доењето. Доколку одлучите да доите потребно е да преземете одредени превентивни мерки за да не го заразите вашето бебе:

  • Носете маска
  • Пред да го земете вашето бебе во раце мијте ги рацете
  • Мијте ги рацете пред да користите помагала за доење

 

Важно за секоја бремена жена е да ги почитува мерките за заштита за да се избегне зараза со SARS-Cov-2 вирусот!

Мерките се веќе познати, но ќе ги повториме:

  • Носете маска
  • Често миење на раце
  • Држете растојание од три метра при контакт со луѓе
  • Избегнувајте да го допирате лицето
  • Јадете здраво и пијте течности
  • Вежбајте, доколку вашиот лекар ви дозволува
  • Излегувајте на чист воздух, секогаш кога можете