Поликлиника Мартини - Се што му е потребно на Вашето здравје, на едно место!

  • Јавете се на

    034 335 020; 071 296 515
  • Ул. Атанас Јанев 5

    2400 Струмица
  • Пон - Пет

    08:00 до 20:00

Првите движења на бебето ќе ги почувствувате околу 18. до 20. недела. Мајка со прва бременост можеби нема веднаш да знае за што се работи. Додека мајка со втора бременост движењата ќе ги осети уште во 16. недела. Доколку ги немате почувствувано движењата на бебето до 24. недела потребно е да посетите лекар и да направите ултразвук.

Следењето на феталните движења е добар начин да знаете дали вашето бебе е во ред. Преку следење на движењата правите уште поголема емотивна врска со вашето бебе.

Феталните движења потребно е да ги разликувате од други промени во стомакот како гасови и слично. Кога бебето ќе порасне почнуваат посилни движења кои јасно ќе ги разликувате.

Интересно е тоа што бебињата го одржуваат истиот ритам како во стомакот на мајката и после породување. Секоја мајка го знае ритамот на своето бебе во стомакот и следењето на тој ритам е знак дека бебето расте и се развива добро.

Доколку ги немате почувствувано движењата на вашето бебе подолго време или само сакате да ви даде одговор или да го разбудите, еве што треба да направите:

  • Седнете, подигнете ги нозете и земете некоја грицка. Додека сте во движење вашето бебе се смирува, кога ќе седнете тие се будат.
  • Напијте се нешто ладно. Бебињата чувствуваат промена на температура и може да се раздвижат.
  • Помилувајте го стомакот. Бебињата реагираат на дразба.
  • Изедете нешто благо.

Доколку не ги почувствувате движењата на вашето бебе со примена на овие дразби, потребно е да го посетите вашиот лекар!

Контактирајте го вашиот лекар ако:

  • Не го чувствувате дневниот ритам на вашето бебе и покрај примена на дразби.
  • Не изброите 10 движења на бебето додека лежите 2 часа на лева страна и после примена на некоја дразба.
  • Ако движењата се смалуваат од ден на ден во една недела.

Најчесто нема место за паника. Вашето бебе може да биде поспано, но секако е битно да се пази на ритамот на движења и да разговарате со вашиот лекар за движењата на бебето.

Секој гинеколог има различен начин на следење на феталните движења, затоа е битно да разговарате со вашиот лекар за начинот на следење на движењата на вашето бебе.

Во поодмината бременост, бебињата имаат помал простор и нивните големи движења се ограничени. Во оваа фаза од бременоста доволно е само да го помилувате стомакот и да го почувствувате движењето на вашето бебе. Многу мајки гледаат промена во контурата на стомакот при мирување. Тоа се случува додека бебето се придвижува за да најде удобна положба.

Во последните недели од бременоста можете да го милувате или благо да го масирате стомакот. Бебето го осеќа вашиот допир. Четири недели пред термин за породување ќе приметите дека вашиот стомак е спуштен. Тоа значи дека вашето бебе е спуштено во карлицата и зазема положба за породување. Ќе осетите зголемен притисок на бешика и потреба за почесто мокрење.