Септум на утерус (матка) е најчеста малформација на утерус која настанува за време на феталниот развој. Преградата (септум) го дели утерусот на два дела, надолжно.
Жени со септум на утерус имаат зголемен ризик од спонтани абортуси. Новите сознанија укажуваат на неадекватна циркулација и неадвактна мускулна активност на матката како причина за спонтани абортуси. Септум на утерус има влијание и врз текот на бременост.
Септум на утерус најчесто се меша со дворога матка, меѓутоа со новите 3Д технологии овие проблеми се надминуваат лесно. Битно е овие две состојби навремено да се дијагностицираат поради различното влијание врз бременоста и различниот начин на третирање.
Како влијае септум на утерус врз бременоста?
Септум на утерус не влијае врз можноста за постигнување бременост, меѓутоа го зголемува ризикот од спонтани абортуси. Некои жени имаат и по неколку спонтани абортуси пред да се постави правилна дијагноза.
Според одредени студии ризикот од спонтан абортус кај жени со септум на утерус е над 40%.
Бременост со септум на утерус го зголемува ризикот од:
- Предвремено породување
- Карлична презентација
- Попречна поставеност на плодот
- Царски рез
- Крварење после породување
Симптоми кај септум на утерус
Септум на утерус не дава никакви симптоми. Спонтан абортус е единствена причина за да се посoмневаме на него.
Со новите УЗ технологии и развој на високофрекфентни сонди за 2Д и 3Д ултразвук, септум на утерус може да се открие и при рутинска контрола.
Причини за настанување на септум на утерус
Септум на утерус е генетска абнормалност и не е позната причината за настанување. Настанува во фаза на ембрионален развој.
Како се дијагностицира?
Септум на утерус може да се види на стандарден 2Д ултразвук. Со цел да се потврди дијагнозата се прави 3Д реконструкција на утерус за да се измери точната димензија на септумот и да се направи план за негов третман.
Доколку е потребно се користи и хистероскопија (преглед со камера во матката) за потврда на дијагноза. ХСГ (хистеросалпингограм) е рентген метода која се помалку се користи за дијагноза на септум на утерус.
Третман
Третманот се состои од хируршка метропластика со помош на хистероскоп. Хистероскопијата дозволува септумот (преградата) во матката да се отстрани без надворешен рез на стомакот.
Техниката е минимално инвазивна и трае околу еден час. Пациентите после хистероскопска метропластика си одат дома истиот ден или наредниот.
После хируршки третман на септум на утерус пациентки со неколку спонтани абортуси имаат уредни термински бремености.
Пациентки кај кои септум на утерус е откриен на рутинска ултразвучна контрола, потребно е да направат 3Д на утерус и според големината на септумот се дава препорака кога да се отстрани септумот пред бременост.
Остави коментар
Остави коментар