Бременоста кај жените предизвика најразлични промени на телото, кои најчесто предизвикуваат немир и понекогаш паника кај пациентките. Во суштина сите симптоми кои ги чуствуваат пациентките од тие промени се нормални и битно е да ги знаат за да имаат спокојна бременост.

Најизразени промени на телото на мајката се хормонските , физичките промени, промени во функцијата на органите, но има промени и во сетилата кај бремените мајки.

Хормонски промени – се веројатно најизразените промени во телото на мајката и уникатни за бременоста.

Естрогените хормони и прогестеронот, во бременост имаат брз и драматичен пораст. Овој пораст има посебно влијание врз емоциите и расположението кај бремените мајки. Меѓутоа влијае и врз нивниот “сјај” во бременост и влијае најмногу врз развојот на бебето.

Постојат и други хормони кај кои има промена во бременост, меѓутоа промените на естрогените хормони и прогестеронот се клучни.

Во бременост се произведува повеќе естрогени хормони отколку во тек на целиот живот кај жената. Ова високо ниво на естрогени овозможува матката и постелката да имаат доволно циркулација за да може бебето правилно да се развива.

Естрогените растат во тек на целата бременост и овој брз пораст во почетокот на бременост е причина за симптоми на гадење и повраќање. Во тек на вториот триместар, естрогените помагаат во развојот на млечните канали со што настанува пораст на градите кај бремената мајка. Во третиот триместар овој пораст го достигнува врвот.

Прогестеронот е хормон чие ниво е исто високо во бременост. Овој хормон го предизвикува олабавувањето на лигаментите и зглобовите во бременост. Предизвикува и олабавување на одредени органи, како уретерите ( мочните канали), кои кај некои бремени жени може да се прошират.

Битна промена која ја предизвикува Прогестеронот е во тоа што и овозможува на матката да порасне од орган со големина на крушка до орган во кој може да се развие бебе и постелка.

Поради промените на зглобовите и лигаментите во бременост како и поради промена на центарот на гравитација, на бремените мајки посебно внимание им посветуваме околу советите за физичка активност и вежбање во бременост.

Пораст на телесната тежина и отоци во бременост – порастот на тежина во бременост е очекуван и не смее да биде прекумерен. Самиот пораст на тежината предизвикува намалување на циркулацијата, посебно на нозете. Оваа намалување на циркулацијата во нозете предизвикува задржување на течност и отоци на нозете, понекогаш и на лицето кај бремените жени. Ова е посебно изразено од вториот триместар и е причина за загриженост и стрес во бременост како и правење непотребни тестови.

Најдобар начин за да се намалат отоците се: одмор со нозете кренати на табуретка, да се избегнува подолго стоење, да се избегнува голема количина на кафе и газирани пијалоци и да се пијат изотонични пијалоци ( за поголем внес на електролити – како ORS)

Порастот на тежина во бременост е дел од бременоста, меѓутоа не смее да се дозволи преголем пораст на тежина поради ризик од многу здравствени проблеми во бременост како и намалена физичка активност ( овие бремени мајки не се движат) и ризик од повреди во бременост.

Промени во сетилата – може да бидат изразени кај некои бремени мајки и да имаат промени во видот, мирисот и вкусот.

Промени во видот – ова се ретки промени и може да настане краткогледост односно неможност за гледање на далеку. Оваа промена на видот после бременост се враќа во нормала и не ни е познат нејзиниот точен биолошки механизам.

Можни промени се и матно гледање и зголемен очен притисок кај некои пациентки.

Промени на вкусот и мирисот – ова се чести промени во бременост. Бремени мајки кои не сакале солена храна пред бременост, во бременост можат да поднесат солено или имаат изразена желба за кисела храна. Во почетна бременост можно е да има и неможност да се вкуси храната ( храната не е вкусна) и затоа станува одбивна и тие трудници одбиваат да јадат.

Мирисот кај трудниците обично се изострува и тие не поднесуваат тешки мириси.

Физичките промени и промените во функцијата на органите ги оставаме за следната недела. Се надевам дека некои советите ќе им помогнат на идните мајки да се чуствуваат подобро и посигурно во бременоста.

Остави коментар