Што е PCOS?

Полицистичен оваријален синдром (PCOS) е состојба на неурамнотеженост на хормоните во телото на жената. Се јавува доста често во популацијата и е причина за чести посети на лекар поради различните симптоми кои ги предизвикува.

PCOS предизвикува промени во нивото на женски хормони и покачување на нивото на тестостерон. Тестостеронот е машки хормон кој нормално се произведува во мали количини кај жената.

Овој “синдром”, односно група на симптоми имаат 3 главни карактеристики:

  • Повеќе мали цисти на јајникот (полицистичен јајник)
  • Високо ниво на Тестостерон
  • Нередовни менструални циклуси

Јајниците кај PCOS содржат бројни мали фоликули (цисти) наредени на површината. Поради неурамнотеженоста на хормоните и повисокото ниво на тестостерон овие мали фоликули не созреваат доволно за да може да настане регуларна овулација. Ова се одразува на менструалниот циклус и најголемиот број на жени со овој синдром имаат нередовни менструални циклуси.

Повисокото ниво на тестостерон освен што има влијание врз регуларноста на менструалниот циклус има влијание и на кожата и на зголемена влакнатост.

Што е причина за појава на PCOS?  

Точната причина за овој синдром сеуште не ја знаеме. Знаеме дека повисокото ниво на тестостерон е причина за дисбаланс на другите хормони и е причина за нередовни овулации. Но, причината за покачен тестостерон е сеуште непозната и има повеќе теории зошто настанува:

  1. Гени – студиите покажуваат дека PCOS има фамилијарна поврзаност и дека неколку гени се поврзани во настанувањето.
  2. Инсулинска резистенција (отпорност) – инсулинот е хормон кој ни помага во користењето на шеќерите од храната за потребите на нашите тела.

Кај PCOS,  телото не може правилно да го искористи инсулинот и доаѓа до покачени нивоа на инсулин што предизвикува зголемени нивоа на тестостерон.

Зголемената телесна тежина е една од причините за инсулинска резистенција и пациентките со PCOS имаат проблем во регулација на својата тежина.

  1. Инфламација – пациентките со PCOS често имаат зголемена инфламација. Студиите ја поврзуваат инфламацијата со високото ниво на тестостерон.

Симптоми на PCOS

Симптомите најчесто се појавуваат после првата менструација. Некои пациентки дознаваат дека имаат PCOS откако ќе се појават проблеми со покачена телесна тежина.

Најчести симптоми се:

  • Нередовни менструации – некои пациентки имаат помалку од 8 менструални циклуси годишно.
  • Обилни менструации – поради нередовните овулации ендометриумот повеќе време расте и менструацијата е пообилна.
  • Зголемена влакнатост – зголемената влакнатост е естетскиот дел од овој синдром и се јавува поради зголеменото ниво на тестостерон.
  • Акни – тестостеронот освен што предизвикува појава на акни на лице и по телото ја прави кожата мрсна.
  • Зголемена телесна тежина – најголем број на жени со овој синдром имаат проблеми со регулирање на килажата.
  • Појава на дамки по кожа
  • Главоболки

Влијанието на PCOS врз телото

Поради неурамнотеженоста на хормоните во телото и поради нередовните менструални циклуси, PCOS влијае на фертилитетот и на здравствената состојба на жената.

  1. Инфертилитет – поголемиот број на жени со овој синдром имаат проблеми да останат бремени поради нередовните овулации.
  2. Метаболен синдром – PCOS и зголемена телесна тежина го зголемуваат ризикот од високо ниво на шеќер, висок притисок и високо ниво на лош холестерол. Сите овие фактори се викаат метаболен синдром и водат кон зголемен ризик од болести на срце, дијабет и миокарден инфаркт.
  3. Апнеа во спиење – состојба на пауза во дишењето додека спиете. Зголемената телесна тежина во комбинација со PCOS води кон апнеа и преќин во спиењето.
  4. Ендометријален карцином – нередовните овулации и нередовни менструални циклуси водат кон зголемен ризик од ендометријален карцином.
  5. Депресија – поради симптомите многу жени чуствуваат симптоми на анксиозност и депресија.

Како се поставува дијагноза PCOS?

Дијагноза се поставува доколку имате два од следните три симптоми:

  • Високо ниво на андрогени
  • Нередовни менструални циклуси
  • Полицистични јајници на ултразвук

Докторот обично ќе ве праша дали имате зголемена влакнатост по телото и проблеми со кожата на лицето. Се прави гинеколошки преглед со гинеколошки ултразвук и се проверуваат хормоните преку анализа на крвта.

Бременост и PCOS

Многу од жените со овој синдром имаат проблеми да останат бремени, а некои немаат никакви проблеми. Меѓутоа, жените кои се бремени и имаат PCOS спаѓаат во група на трудници кои имаат зголемен ризик од компликации во бременост.

Состојби на кои треба да се внимава во бременост се: гестациски дијабет, предвремено породување и висок притисок.

Третман на PCOS

Третманот на овој синдром може да се подели на два дела:

  1. Диета и промени во начин на живот
  2. Медикаментозен

 

Диета и промени во начин на живот – ова е обично првиот начин на третирање на овој синдром.

Намалување од само 5-10% од телесната тежина може да ги намали симтомите и да го регулира менструалниот циклус. Намалувањето на телесна тежина го подобрува нивото на холестерол и инсулин и го намалува ризикот од болести на срце и дијабет.  

Секоја диета односно начин на исхрана помага, но најприфатлива е диета со малку јаглехидрати. Кај диета со мал внес на јаглехидрати главниот извор на јаглехидрати е од овошје, зеленчук и полно-зрнести житарици.

Покрај диетата, многу битна промена во начинот на живот е и вежбањето. Студиите покажуваат дека само 30 минути вежбање со среден интензитет, 3 пати во неделата е доволно да се регулира тежината кај жени со PCOS и да се подобрат симптомите.

Најчести медикаменти (лекартсва) – кои помагаат во регулирање на симптомите и менструалниот циклус се:

Контрацептиви – помагаат во воспоставување на хормонска рамнотежа, ја регулираат овулацијата и ги регулираат симпромите.

Метформин – го подобрува нивото на инсулин, помага во намалување на тежината и воспоставување на хормонски баланс.

Кломифен – е лекарство за стимулација на овулација и помага кај жени со проблеми со фертилитет.

Кометички третмани – кај пациентки кои имаат естетски проблеми вопоглед на зголемена влакнатост, мрсна кожа и акни.

Операција на јајници – доколку останатите третмани не успеваат се прават мали дупчиња на јајниците за да се стимулира овулација.

За крај. PCOS може да го поремети менструалниот циклус кај жената или да направи проблеми со забременување или во тек на бременост. Хормонскиот дисбаланс може да направи естетски проблеми кај жената.

Доколку имате некои од овие симптоми консултирајте го вашиот лекар во поглед на дијагноза на PCOS. Само мали промени во животните навики се доволни за да се контролираат поголемиот број на симптоми кај овој синдром.

Остави коментар