ПАП тест (Papanikolau брис)
ПАП тест е брис кој се зема од грлото на матка во тек на гинеколошки преглед и служи за скрининг на карциноми на грлото на матката.
Брисот се зема едноставно, безболно и брзо. Додека лежите на гинеколошки стол се поставува вагинален спекулум кој полека се отвара за да се види грлото на матката. Кога ќе се види грлото на матката, прво од површината на грлото се зема брис со дрвена шпатула а потоа од внатрешноста на грлото со мала четка. Во тек на прегледот може да се зема и брис од вагина за микробиолошка анализа.
ПАП тест треба да прави секоја жена. После претходен уреден ПАП тест со колпоскопија сосема е безбедно да го повторите тестот на 2 години. Доколку има потреба ПАП тестот може да се повтори и порано по индикација на лекар. Повторувањето на ПАП тестот не смее да биде помалку од три месеци бидејќи променетите клетки не можат порано да заздрават.
Секој резултат од ПАП тестот треба да го прочита лекар. Доколку тестот покажува некои промени потребно е да се направи колпоскопија и/или биопсија на грлото на матката.
Дали резултатите од ПАП тест се секогаш точни?
Сите резултати од тестови во медицината може да бидат лажно позитивни (да покажат дека има проблеми каде што нема) и лажно негативни (да покажат дека нема проблеми каде што има). Ова важи и за ПАП тестот. ПАП тестот може да биде неточен ако не се земени доволен број на клетки, ако има инфекција која може да ги скрие, ‘’маскира’’ променетите клетки.