Ендометриоза е состојба кога ендометриумот (ткиво кое ја обложува внатрешноста на матката) се наоѓа и на други места освен во внатрешноста на матката. Се јавува кај околу 10% од жени во репродуктивна возраст. Најчести места каде може да се најде ендометриоза се: јајници, јајцеводи, мочен меур, уретери, црева, перитонеум….
Проблемот се јавува кога ендометриумот кој е надвор од матката ќе започне да реагира на хормонските промени во тек на менструалниот циклус и започнува да крвари исто како и ендометриумот кој е во внатрешноста на матката. Ткивото околу ендометриозата реагира на крварењето и се ствараат прираслици. Сите овие промени се причина за болки во и околу менструацијата.
Ендометриозата е честа причина за неплодност поради воспалението кое го предизвикува на околното ткиво и поради влијанието на самите сперматозоиди и јајце клетки. Најчести симптоми на ендометриоза се болки во тек и после менструација. Во зависност од локацијата на ендометриозата, може да дојде до болка и при сексуални односи или при мокрење.
Дијагноза на ендометриоза се поставува со гинеколошки преглед и со гинеколошки ултразвук, по потреба се користи и лапароскопија за дијагноза. Терапијата може да биде со лекарства (медикаментозна) и хируршка. Прв избор на лечење најчесто е медикаментозен и се користат орални контрацептиви, прогестерон или агонисти на хормони (agonist GnRH). После хируршки третман контролите се обавезни затоа што ендометриозата често се повторува.