Постојат два хируршки начини за третман на оваријални цисти. Лапароскопијата е минимално инвазивна процедура, додека лапаротомијата е преку рез на кожа од неколку сантиметри (класичен третман).
Која од оваа процедура ќе се избере, зависи од големината на цистата и од тоа дали се работи за малигна или бенигна циста.
Накратко, скоро сите бенигни цисти може да се извадат лапароскопски, додека за малигни цисти е потребна лапаротомија.
Што е оваријална циста и кога треба да се отстрани хируршки?
Сите оваријални цисти не е потребно да се оперираат, помали цисти или функционални цисти најчесто сами се повлекуваат и се губат.
Цисти кои се со поголеми димензии и кои содржат солиден или делумно солиден дел, се препорачува да се отстранат.
Доколку поставиме индикација за оперативен третман пациентката се припрема за операција. Доколку не станува збор за карцином, скоро секогаш пациентката се припрема за лапароскопија – лапароскопски третман на оваријалната циста.
Се даваат препораки кои анализи да ги направи пациентката пред операција и што треба да прави и јаде на денот пред лапароскопија. Прегледот и разговор со анестезиолог најчесто се прави на денот на операција.
Лапароскопијата е минимално инвазивна процедура која се изведува преку неколку мали засеци на кожа ( 0,5 – 1см), преку кои со лапароскопски инструменти се вади цистата.
Лапароскопскиот третман на оваријални цисти е прецизен и скоро секогаш се вади само цистата и се зачувува јајникот и неговата функција. Ова е многу битно, посебно кај третман на млади пациентки кои сеуште немаат родено.
Закрепнувањето на пациентки кои се оперирани со лапароскопија е брзо и за неколку дена се враќаат на нормални активности. Најчесто пациентката после лапароскопски третман од болница си оди веќе наредниот ден.
Бенефитите за пациентките од лапароскопски третман на оваријални цисти се неколку:
- Симптомите и нелагодностите од цистата се повлекуваат
- Лапароскопскиот третман е брз и безбеден за пациентката
- Закрепнувањето е побрзо и со минимално крварење
- Поставување на дијагноза кај сомнителни цисти е побрзо
- Во најголем број на случаеви се спасува јајникот и третманот не влијае врз идните планови за бременост и во бременост
Лапароскопскиот третман на оваријални цисти е брз и безбеден третман за пациентките. Закрепнувањето е секогаш побрзо и ризиците од компликации се помали, посебно од инфекции на оперативна рана.