Контроли за време на бременост
Според сите водичи за добра клиничка пракса, во тек на бременост потребно е да се направат четири контролни прегледи – во 16, 24, 28 и 32 гестациска недела, како и четири ултразвучни, скрининг прегледи – потврда на срцева акција на прва контрола, во 12, 20 и 32 гестациска недела.
Прва контрола на лекар
Прва контрола обично се прави две до четири недели после последната менструација, тоа е околу 6-8 гестациска недела на бременост. Во тек на оваа контрола потребно е да ги спомнете сите претходни болести, операции, досегашни бремености и хронична терапија. Обавезно спомнете ако имате проширени вени на нозете, зголемен притисок, болести на штитна жлезда и хронична терапија за други хронични болести.
На оваа контрола се потврдува бременоста и точната старост на бременоста како и веројатен датум на породување. На почеток од бременост добро е да се одреди крвната група и Rh факторот. Доколку сте Rh негативна крвна група, потребна е контрола на антитела во тек на бременост и вакцина.
Понекогаш, според анамнезата се прави и анализа на крвта на мајката на различни инфекции – TORCH скрининг ( toxoplasma, rubella, cytomegalo virus, herpes ).
На некој од следните прегледи се дава совет да се направат контролни микробиолошки брисеви и гинеколошки преглед.
Контролни прегледи
Овие прегледи се прават во 16, 24, 28 и 32 гестациска недела и на сите овие прегледи е потребна контролна крвна слика, урина и гликемија. Во 16 гестациска недела може да се направи биохемиски скрининг за ризик од хромозомски аномалии доколку е пропуштен прегледот во 12 гестациска недела.
Во зависност од гестациската недела на овие контроли се проверува крвна група и Rh фактор, се следат антитела ( доколку има потреба ), во 28 гестациска недела се прави ( по потреба ) ОГТТ тест, за состојбата на вашиот метаболизам на јаглени хидрати ( шеќери ). За ОГТТ тестот се зема крв за да се испита нивото на шеќер во крв на гладно, потоа се пие чаша со Глукоза и после 1 и 2 часа се зема повторно крв за да се испита нивото на шеќер во крвта на мајката. Според резултатот од ОГТТ тестот се одредува дали мајката има ризик за дијабет во бременост.
Во 35 -36 гестациска недела се зема микробиолошки брис за GBS и се испитуваат вирусни маркери ( HIV, HCV, HbsAg ). На овој преглед се објаснува кои сиптоми и тегоби може да се појават, и што да очекува мајката во периодот пред породување.
Сите овие рутински контроли се прават само доколку мајката е со уредна бременост и нема компликации. Доколку се појават компликации и мајката е со високо ризична бременост тогаш контролите се почести и се прават почести и подетални лабораториски испитувања.
Ултразвучни прегледи во бременост
Ултразвучниот преглед подразбира преглед со апарат кој испушта ултразвучни бранови кои се одбиваат од ткивото на внатрешните органи на мајката и бебето и се добива слика за состојбата на бебето и неговите органи во стомакот на мајката.
Ултразвучниот преглед може да се направи преку стомакот на мајката со абдоминална сонда или со вагинална сонда. Вагиналната сонда најчесто се користи во почеток на бременост во прв триместар, за да може да се добијат детални и целосни информации од прегледот. Абдоминалната сонда се користи кога бебето станува поголемо.
Прв ултразвучен преглед – овој преглед се прави за потврда на бременост, колку бебиња има во стомакот, да се види и потврди срцева акција на бебето и да се види дали веројатниот термин за породување одговара според последната менструација.
Втор ултразвучен преглед – се прави помеѓу 11 – 14 г.н. На овој преглед се прави проверка дали сите органи кај бебето се развиени, се земаат мерки од бебето и се гледа дали одговара на гестациската недела. Овој преглед е важен за проверка на дебелината на вратот на бебето ( нухален набор ), се проверува дали постои носна коска, протокот на крв низ десна срцева комора и црниот дроб на бебето за да се види дали има опасност од генетски или хромозомски болести ( како Down Sy. ). Се проверуваат и протоците на крвните садови кај мајката за да се види дали има ризик од проблеми со крвниот притисок кај мајката. После овој преглед ( според ризикот кај мајката и бебето ) се зема крв од мајката и се прави PRISKA тест за да се одреди ризик од проблеми со хромозомите кај бебето.
Трет ултразвучен преглед – се прави помеѓу 20 – 24 г.н. Во оваа недела бебето е доволно пораснато за да се видат детали од развојот на органите и се прави проверка на комплетната морфологија на бебето. Доколку не се видат проблеми во развојот на органите кај бебето сметаме дека се е во ред. Мора да се има во предвид дека ултразвукот не е семоќен! На овој преглед се прави повторна проверка на протоците на крв кај мајката.
Во тек на овој преглед се прави и детален преглед на срцето кај бебето – фетална ехокардиографија, и детален преглед на мозокот на бебето – фетална неуросонографија.
Фетална ехокардиографија – претставува детален преглед на целата структура на срцето кај бебето и се прави за да се исклучат срцеви аномалии кај бебето. Доколку се видат проблеми во структурата на срцето тогаш се прават дополнителни прегледи во специјализирани болници со детски кардиолози и кардиохирурзи. Овие прегледи имаат за цел да се направи проценка дали е потребна операција на срце кај бебето по породување и да се испланира породувањето и понатамошното следење.
Фетална неуросонографија – претставува детален преглед на структурите на мозокот кај бебето, од мозочни комори до вијугии на мозокот и проверка на задна черепна јама на мозокот.
Четврт ултразвучен преглед – се прави помеѓу 30 – 34 г.н. На овој преглед се земаат детални мерки од бебето и се прави проверка дали растот на бебето и неговата тежина е правилна и одговара на неговата крива на раст. Повторно се прави проверка на сите органи на бебето и целата негова морфологија, се прегледува постелката и нејзината поставеност како и водата околу бебето. Се прави и Доплер на крвните садови на бебето за да се проверат протоците на крв и состојбата на бебето во стомакот на мајката.
После 36 г.н може повторно да се направи ултразвучен преглед за да се види каква е поставеноста на бебето во однос на родилниот канал пред породување и да се провери состојбата на водата и постелката.