Генитален херпес е сексуално пренослива болест која е предизвикана од херпес симплекс вирус (HSV). Инфекцијата се манифестира со појава на пликови и рани на гениталните органи и околу анусот. Се пренесува со допир на пликовите и раните но и ако нема пликови и рани а партнерот е заразен.
Вирусот влегува во телото преку дефекти на кожата во тек на сексуален однос. Кога ќе влезе во телото, вирусот напаѓа здрави клетки а организамот се брани и се појавува оток и пликови. Најчесто инфекција со HSV не се гледа а симптомите се појавуваат после 2-10 дена од влезот на вирусот. Симптомите може да бидат локални (црвенило и пликови) и општи ( симптоми на настинка, оток на лимфни жлезди, треска и болка во мускули). Локалните промени се повлекуваат со терапија без последици на кожа.
Дијагноза се поставува со земање на брис од промените или со одредување на антитела во телото. Терапијата е медикаментозна и локална но излекување нема. Ако симптомите се јавуваат често потребно е терапијата да се зема подолго време.