Ако планирате бременост посетете го вашиот лекар по општа пракса и направете детален преглед по системи со лабораториски анализи. Доколку се најде некој проблем ќе можете навремено да реагирате.
Направете и гинеколошки преглед за да ја проверите состојбата на грлото на матката, доколку има потреба ќе се направат микробиолошки брисеви и направете гинеколошки ултразвук.
Битно е на вашиот лекар да му дадете податоци за болести во минатото или доколку сте имале некои операции или имате лежено во болница. Потребно е да ја наведете секоја терапија која ја пиете или сте ја пиеле и дали имате некоја алергија.
Доколку пиете некоја терапија, со вашиот лекар ќе потврдите дали може да се пие во бременост, дали е потребна корекција на дозата или е потребна промена на терапија. Немојте да прекинувате терапија поради страв дека ќе смета во бременост – направете прво консултација со лекар.
Доколку сте имале претходна бременост кажете го вашето искуство, дали сте имале некои проблеми и како течело породувањето. Одредени проблеми во бременост може да се повторат и во наредна бременост затоа е битно да ги споделите сите информации од претходната бременост.
Доколку во вашата фамилија постојат некои наследни болести потребно е да ги споделите со вашиот лекар за да знаете дали се потребни одредени генетски тестирања пред бременост. Генетски болести кај кои мора да се тестираат и членови на вашата фамилија се : таласемија, хемофилија, мускулна дистрофија, Хантингтон хореја, цистична фиброза……
Доколку има потреба вашиот лекар може да ви предложи проверка на состојба со одредени инфекции – TORCH скрининг (Токсоплазмоза, Рубела, Цитомегало и Херпес вирус). Доколку има ризик, добро е да се знае состојбата за овие инфекции пред бременост.
Доколку имате некоја сексуално пренослива болест потребен е третман на вас и вашиот партнер пред бременост.
Посета на стоматолог е добро да направите пред бременост.
Доколку имате здрав начин на исхрана, нема потреба од промени. Потребни се само некои пренатални витамини за припрема на вашето тело за бременост. Најбитно е да се внесе доволно Фолна киселина – за правилен развој на вашето бебе. Природен извор на фолна киселина се спанаќ, грав, грашок, броколи, полнозрнести житарици, јагоди….
Избегнувајте неквалитетна храна!! Јадете храна богата со калциум – млеко, јогурт, овошје и зеленчук но внесувајте и доволно протеини – риба, бело месо и протеини од растително потекло. Пијте доволно течности!
Тежината и кондицијата се важни за вашето здравје и вашата бременост – доколку имате вишок килограми пробајте да ги намалите пред бременост. Вишок килограми може да доведе до компликации во бременост!!
Пред бременост добро е да се направат одредено промени во начин на живот – цигарите треба да се остават!! Алкохол, преголема количина на кафе и црн чај треба да се намали. Доколку немате рутина за вежбање – направете! Доволно е само умерено пешачење неколку пати во неделата.
Пратете го менструалниот циклус – водете календар за менструација. Најголеми шанси за бременост имате неколку дена околу овулација – средина на циклус. Овулација може да ја одредите по календар доколку имате редовен циклус или со користење на тестови за овулација.
Пауза помеѓу бремености зависи од физичката состојба после породување, начин на породување, доење, обврски, дали имате помош… Оптимален период помеѓу бремености е една година.
Плодноста зависи од многу фактори: стрес, начин на живот, нерегуларен сексуален живот, проблеми со тежина, инфекции, гинеколошки проблеми но и возраст.
Кај мажите возраста не игра голема улога но кај жените можноста за бременост почнува полека да опаѓа после 35 години. Кај повозрасни жени треба правилно планирање на бременост и водење на бременост поради зголемените ризици.